top of page

Клучот на последната врата

Има денови кога животот ми поставува сопки. Чисто да провери дали сум те преболела.

Добро познато чувство. Рандом ситуација одеднаш ме навраќа на тебе, како неочекуван шамар.

Толку силен што и очи насолзува. И не можам да скријам, очиве ме издаваат.

А не сакам колегиве да ме гледаат во вакво издание. Нека ме паметат среќна, насмеана и разиграна.

И биди им мистерија. Што мора да знаат тие кој на кратко ми ја спуштил круната.

Не мора да знаат кој го држи клучот од срцево. Да не им текне да го отклучат па друг да се досели.


И не ми е криво за ништо. Се случи како што требаше. По редослед кој требаше.

Можеби и малку задоцнивме па затоа и повеќе болеше разделбава. Не се каам воопшто. Немој ни ти.

А ние пак ќе се сретнеме. знам. Зарем не го чувствуваш и ти истото? Ќе се споиме одново, но сега во право време.

Прави ние. Посилни. Среќни посебно, најсреќни заедно. Затоа што ќе се дополнуваме. Во полно светло.


А ако сум грешка, остави ме да сонувам. Додека не дојде тој што треба да ме разбуди.

А и ако не дојде, пак остави ме! Како што тој ме остави, за да ме најде повторно.

А ќе ме најде. Нашите души се врзани една за друга, и ништо нема да ги раздели.

А ако пак и за тоа сум грешка, јас превземам целата вина. Дека заслужував подобро, а упорно те бирав тебе.

Упорно те бирам тебе.




Одрекување од одговорност:

Приказниве се зачинети со многу драма, а ликовите се измислени, затоа што драмата почнува тогаш кога логиката завршува. ☺

Comments

Rated 0 out of 5 stars.
No ratings yet

Add a rating

Приватност

bottom of page